19.06.2013 Изминатите денови во жолта, но во наредните се очекува Македонија да влезе во портокалова фаза. Од Центарот за јавно здравје со апел да се почитуваат препораките за заштита од топлотен бран.
Поради најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи за топлотен бран од втора, односно портокалова фаза, кој ќе ја зафати територијата на цела држава Комисијата при Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови донесе препораки со цел заштита на населението.
Во соопштението од Министерството за здравство се препорачува на воспитно образовните установи (градинки) да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 16 часот.
На работодавците им се препорачува да ги ослободат од работни обврски бремените жени и лицата над 60-годишна возраст, како и избегнување работа на отворено во периодот од 11 до 16 часот.
На населението му се препорачува да се почитуваат општите мерките за превенција од топлотни бранови и заштита на здравјето, како што се избегнување директна изложеност на сонце, консумација на лесна храна и течности, носење светла и лесна облека, како и редовно земање на предложената терапија од лекар.
Т. Велкова