19.06.2013 Општина Виница во рамките на своите долгорочни заложби за транспарентно и отчетно владеење од оваа година стартува со реализација на Програмата „Форуми во заедницата“. Главна цел на оваа програма е преку партиципација и учество на граѓаните да се дефинира конкретен предлог проект што е приоритетен за реализација, а за чие имплементирање се обезбедени 2.800 000 денари, средства од Буџетот на општина Виница и од Швајцарската агенција за развој и соработка.
-Програмата „Форуми во заедницата“ во која се вклучени 40 општини од кои 11 за прв пат меѓу кои е и Општина Виница е со вкупен буџет од 2.800 000 денари. Половина од средствата се наше учество, а другата половина се обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка. Тие средства ќе бидат наменети за проектите за кои граѓаните ќе го дадат својот глас учесници на форумите.
Јавно ги повикувам сите жители на Општина Виница и населените места да се вклучат со свои идеи кои добиваат шанса да се преточат во проекти што ќе значат подобрување на условите за живеење во нашата општина, истакна Емил Дончев, градоначалник на Општина Виница.
Преку овој проект граѓаните со сопствени идеи ќе придонесат за подобрување на нивниот живот и ќе бидат директно вклучени во дефинирање и реализација на приоритетните активности во општината.
-Со процесот на децентрализација се зголемува бројот на надлежности кои потпаѓаат под ингеренции на единиците за локална самоуправа со што уште повеќе се нагласува потребата за консултација и комуникација со граѓаните на теми и прашања од различен опфат, рече Тодор Цонев, комодератор на програмата.
Форумите се организираат заради јавно расправање или постигнување согласност на локалната јавност за предложените приоритети во документите за стратешки локален развој, за јавни дебати за проблемите и утврдување решенија и приоритети, како и за предлагање и избор на проекти или заради развивање проекти од интерес на заедницата. Форумот ќе се состои од 6 сесии на кои преку структурирани дискусии учесниците елаборираат проблеми и нудат решенија за нив , истовремено давајќи препораки за локалните институции. Првата форумска сесија ќе се одржи во четврток со почеток во 11.00 часот во просториите на ОУ “Гоце Делчев“.
Т. Велкова