19.06.2013 Нови елементи за седење, наместо досегашните клупи доби тротоарот на кејот од реката во близина на градскиот парк.
Бетонските корита со кои се оградени стеблата од дрворедот, се искористени како основа на која се поставени дрвени седалки, со што се добиени десетина т.н. седечки групи, што посетителите можат да ги искористат да одморат под дебелите сенки.
Новото решение овозможува неколкукратно да се зголемен капацитетот на места за седење во однос на досегашните можности. Со тоа практично се комплетира функционалното и естетското уредување на целиот простор.
Истовремено со овој зафат, започна санирањето на оштетувањата на тротоарот кај Центарот за култура, како што беше најавено и од Локалната самоуправа. Со оглед на ограничените средства што се предвидени, годинава оваа активност ќе биде од мал обем.
- Врз она што е оштетено од левата страна на реката, откај Центарот за култура, ќе бидат направени некои мали санации, но за следната година се надевам дека ќе имаме нови планирања за поставување бехатон плочки, рече Влатко Димитров, раководител на Секторот за урбанизам.
Тротоарската површина од левата страна на Кочанска Река, од Центарот за култура до мостот кај Шопинг центарот има поголеми оштетувања. Заради тоа, во Локалната самоуправа се планира за идната година да се предвидат средства за комплетно преуредување на просторот, со поставување нови бехатон плочки.
Т. Ајтовски