19.06.2013 Пропадна обидот да се одржи Собрание на доверителите на “Руен интернешнл технолоџис“. Попусто дел од поранешните вработени чекаа во дворот на Основниот суд за да слушнат што понатаму ќе се случува со фабриката.
На состанокот требаше да се направи договор за третиот оглас за продажба на имотот на “Руен“, откако на претходните два не се јави ниту еден купувач.
Иако уредно известени, во закажаниот термин во Судот не се појавија поголемите доверители. Работниците ги разочара таквата информација, што најпрвин им ја соопштија нивните претставници кои требаше да присуствуваат на состанокот, а потоа ја потврди и стечајниот управник Драги Димовски.
- Поради незаинтересираност на одреден број доверители, Собранието не беше одржано, бидејќи беа присутни само 31,16% од доверителите кои имаат право на глас, односно кои имаат утврдени побарувања. Донесена е одлука веднаш да се закаже ново Собрание на доверители и истото да биде одржано до 15 јули оваа година, бидејќи после тој датум престанува работењето на судовите, односно започнува судската ферија, рече Драги Димовски, стечаен управник на “Руен ИТ“.
На Собранието на доверители имаше претставници само на “Тутунска банка“, УЈП, КЈП “Водовод“, Општина Кочани и уште неколку поситни доверители, чии побарувања заедно се помали од 50%.
Поранешните работници, кои исто така се дел од доверителите во “Руен“, на состанокот излегоа со барање целата постапка што побрзо да се повтори.
- Штом денеска не се одржа Собранието на доверителите, да се одржи најдоцна до 12 јули. Значи уште една можност, па апелирам до сите доверители кои се во Собранието на доверители задолжително да дојдат, да ни помогнат на нас вработените, а ќе си помогнат и себеси и на целиот град, рече Гоце Стојановски, претседател на синдикалната организација на “Руен ИТ“.
Вработените кои чекаа пред судот рекоа дека добиле информации оти имало заинтересирани купувачи на имотот на “Руен“. Стечајниот управник не сакаше да споменува имиња, но рече дека информацијата е точна.
- Имаше заинтересирани фирми, меѓутоа сега во моментот не можеме да кажеме кои се и што се, сакаме да остане така како што е, бидејќи може да создадеме непријатни ситуации, рече Драги Димовски, стечаен управник на “Руен ИТ“.
Најголем доверител во “Руен ИТ“ е “Тутунска банка“ која има хипотека на имотот, а нејзините побарувања се нешто повеќе од 35% од вкупните побарувања што ги имаат сите доверители. Освен неа, меѓу поголемите доверители се и “Прокредит банка“, УЈП, “Европа комерц“, “Триглав осигурување“, ЕВН Македонија, Македонската банка за поддршка на развојот и комуналното претпријатие “Водовод“.
Т. Ајтовски