14.01.2014 Уште едно, трето обвинение по ред, заработи поранешниот прв човек на кочанската Полициска станица, Ванчо Тодоровски, со кое е осомничен за злоупотреба на службената должност. Ова беше соопштено на продолжението од главниот претрес што против него и неговиот заменик Санде Стојменов, се води во Основниот суд во Кочани.
Судењето продолжи по пауза од три ипол месеци, период во кој се правеше вештачење на едно од претходните обвиненија. Во меѓувреме настанала и промена во составот на поротата, заради што претресот беше вратен на почеток.
Судскиот совет со кој претседаваше судијата Јаким Илиев донесе решение трите кривични обвиненија да се спојат во едно и против Тодоровски да се води единствена судска постапка.
Во новото обвинение против Тодоровски стои дека тој несоодветно постапил кога од страна на судија во Основниот суд било побарано да му се обезбеди полициска заштита затоа што била загрозена неговата безбедност. Обвинетиот даде исказ дека тој ги презел сите непоходни заштитни мерки што ги пропишува законот.
Во врска со второто обвинение застапникот на државното правобранителство појасни дека Тодоровски го оштетил Буџетот на државата за над 89 илјади денари затоа што одобрувал исплати на надоместоци за прекувременото ангажирање на полицајците. Истовремено продолжи судската постапката и против неговиот помошник Санде Стојменов кој, освен за злоупотребата на должност, се товари и за изнудување пари.
На претресот беа сослушани петмина полицајци во улога на сведоци, а во врска со исплатата на надоместоците за работење во смени и за прекувремено ангажирање. Судењето ќе продолжи идниот месец кога ќе бидат сослушани уште девет сведоци и оштетениот судија, кој побарал полициска заштита заради загрозена безбедност.
Т. Ајтовски
©2013 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}