16.01.2014 Ниту еден стечаец од Кочани нема да добива пари од државата со одлуката за финансиска поддршка.
Предлог-законот што наскоро треба да се најде на усвојување во Парламентот, нема да им ја промени сегашната состојба.
Членовите на кочанскиот огранок на здружението УНИТ велат дека се разочарани затоа што нема да бидат опфатени со мерките што ги предложила Владата.
Причината за тоа е што фирмите во кои работеле пропаднале многу порано од периодот на кој се однесуваат најавените мерки.
- За градот Кочани, за нашето поднебје, на списокот се 529 стечајни работници, но со овој Предлог-закон не е е опфатен ниту еден од нив. Значи сето ова е само од времето на Никола Груевски, иако тој ја споменува 2004 година, тоа се однесува на скопските фирми, на Еурокомпозит, Емо, Охис, кожарата во Куманово, ете тие се трите илјади. Оние стечајци кои се од пред 2004 година, ниту еден од нив нема да биде опфатен и многу сме револтирани, рече Ангел Арсов, координатор на огранокот на Здружението на стечајни работници “Унит“.
Кочанските стечајни работници реагираат што за предложените мерки воопшто не биле консултирани актуелни претставници на нивното Здружение, туку е разговарано со лица кои порано биле лидери, но си го решиле својот статус. На тој начин се замајувала јавноста и се претставувал заклучокот дека стечајците се задоволни со мерките.
Вообичаениот состанок на членовите на Здружението “УНИТ“ од Кочани не се одржа.
- После протестот во Скопје се договоривме да направиме мала пауза до подготовката на новиот Предлог-закон, меѓутоа апелирам до сите стечајци за наредниот четврток, тоа ќе биде 23 јануари, дека ќе имаме вонреден состанок пред Центарот за култура, во 11 часот, а ќе се разгледуваат прашања по изјавата на премиерот Груевски, додава Арсов.
Пред некој ден Владата излезе со најава дека ќе има законски измени за материјално обезбедување на лицата што останале невработени или технолошки вишок по 2004 година. Се планира тие да добиваат по 7.100 денари месечно или 34 проценти од просечната плата исплатена минатата година плус здравствено осигурување. За жал, кочанските стечајци нема да добијат ни денар од 4-те милиони евра предвидени за таа намена.
Т. Ајтовски
©2013 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}