27.01.2014 Главна тема на разговор изутрината во Облешево беше семејната расправија што заврши со трагични последици.
По кавгата што настанала во неделата околу 21,30 часот, 49-годишната М.Ѓ. со метална цевка го удрила по глава сопругот Благојчо Ѓ. Од ударот тој паднал на подот и не давал знаци на живот, по што жената се испаничила и повикала итна медицинска помош.
Во меѓувреме, по телефон се јавила и во полициската станица во Кочани каде го признала делото.
На лице место веднаш се упатило возило со медицинска екипа од кочанската болница, а увид извршиле и службени полициски лица.
- Смртта е констатирана од лекар од Здравствениот дом во Кочани, а телото е предадено на обдукција. Поради постоење основа за сомнение дека е сторител на кривично дело убиство, од слобода е лишена М.Ѓ. и против неа, по целосното расчистување на кривично-правниот настан ќе биде поднесен соодветен поднесок, рече Зоран Зафиров, портпарол на СВР- Штип.
Жителите на Облешево изутрината беа во шок и неверување дека во нивното село се случило убиство. За настанот слушнале од она што се зборува во јавноста, а своите соседи ги знаеле како мирни семејни луѓе.
- Па, како што го знам многу добар човек беше, а што се случило не знам... Видовме полиција, имаше полициски коли, амбулатно возило, мртовечка кола, а што е било не знаеме... Го знам, братучед ми е, беше наставник, работник човек, а што и како се случило не знам... Немаа ништо, не се караа, децата им беа во Охрид и во странство некаде, тие беа сами, не слушнавме да имаат некакви незгоди, рекоа жители на Облешево.
Дел од соседите кои не сакаа да зборуваат пред камера, сепак признаа дека двајцата сопружници имале повремени кавги поради семејни причини, но никој не очекувал дека е можно тие да завршат трагично.
55-годишниот Благојчо Ѓ. бил вработен во СОУ “Ѓошо Викентиев“, како наставник по по машински предмети и пракса.
Т. Ајтовски
©2013 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}