26.06.2013 Еднократен надоместок од 9 илјади за единечна, и 17 илјади за двојнa парцела ќе треба да платат носителите на гробно место во кочанските градски гробишта.
Со оваа одлука ќе излезе КЈП “Водовод“ пред советниците, со очекување да биде усвоена на наредната редовна седница.
Доделувањето на користење на гробното место е лична службеност и се прави по претходно склучен договор меѓу претпријатието и лицето кое се јавува како носител на парцелата. При тоа, со плаќањето на надоместокот, носителот го добива местото на неопределено време. Со договорот, покрај еднократниот надоместок што треба да го плати носителот, тој се обврзува и редовно да го плаќа надоместокот за одржување на гробното место, односно т.н. гробарина, што се утврдува со посебна одлука.
Во изминатиот период од КЈП “Водовод“ ги повика сите граѓани кои се сопственици на парцели во градските гробишта да се јават заради утврдување на носителот на местото. Од вкупно 4.300 гробни места, до сега за околу 3.400 е утврдена сопственоста.
Рокот за завршување на процедурата истекува на 30 јуни и ќе нема пролонгирање. После овој рок ќе се впишуваат гробните парцели само за нови смртни случаи.
Т. Ајтовски