05.03.2014 Под мотото „Со љубов за сите жени во светот“ учениците и наставниците од ОУ „Синиша Стоилов“ му дадоа големо значење на празникот на жената 8 Mарт. Одбележувањето започна со историски час кога се читаа стихови за Клара Цеткин и борбата за правата на жените. За изработка на писмото беше одржана интегрирана настава во која преку штафета наречена „Желба“ учениците изработија 212 срца и рози и искажаа исто толку желби.
-Ние учениците од основното и од подрачните училишта од селата Мородвис и Видовиште подготвивме 212 желби со цел да ја изразиме нашата голема желба за денот на жената и кон нашите мајки. Изработивме 212 срца, 212 рози со цел да ги искажеме нашите 212 желби бидејќи сме 212 ученици во училиштето, рече Отилија Арсенова, ученичка во ОУ „Синиша Стоилов“.
-Јас изработив искази за мама. Во писменцето напишав дека јас мојата мајка ја носам во срце, дека со мајка ми делам душа, дека мама мириса на јасмин и дека мама на своите дечиња им дарува љубов, рече Анастасија Јефтимова, ученичка во трето одделение во ОУ „Синиша Стоилов“.
-Јас во писменцето за мама напишав дека многу ја сакам, дека таа е најдобра на свет, дека има најубави дланки е дека најубаво се смее, рече Барбара Данилова, ученичка во трето одделение во ОУ „Синиша Стоилов“.
Учениците од ова училиште празникот на жената ќе го одбележат и в петок за што подготвуваат хепенинг на кој се поканети претставници од Советот на родители и од Училишниот одбор.
Т. Велкова
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}