01.07.2013 Осуммина сведоци беа сослушани на второто рочиште од судскиот претрес во случајот со десетгодишниот Димитриј Ампов од Кочани, кој пред околу две години почина кај детската градинка во населбата Усова чешма.
За трагичниот настан Јавното обвинителство поведе кривична постапка против фирмите ЕВН – Македонија и ДООЕЛ “Филаделфија“ од Кочани, како и нивните одговорни лица.
Обвинителството по службена должност ги товари сите дека се одговорни за смртта на малолетниот Ампов, кој играјќи си во дворот на градинката беше пронајден мртов на шилците од металната ограда.
Иако по првичната истрага беше речено дека смртта настапила како последица од падот на оградата и повредите во пределот на градите и срцето, подоцнежната обдукција покажа дека детето претходно доживеало струен удар. Со оглед што во непосредна близина имало кабел за електрична енергија и техничка опрема, како одговорни за смртниот случај се осомничени двете претпријатија и нивните раководители.
На второто судско рочиште, во улога на сведоци се појавија вработени во фирмите кои изведувале технички работи на инсталацијата во непосредна близина на градинката, како и лица кои веднаш по настанот забележале дека низ металната ограда протекува струја.
Претходно, на почетокот од јуни кога се одржа првото рочиште, кога беа сослушани обвинетите во случајот, како и родителите на малолетниот Димитриј, во улога на оштетена страна.
Главниот претрес ќе продолжи во средината на септември кога пред Судот треба да се појават уште четворица сведоци и две лица во улога на вештаци.
Т. Ајтовски