12.02.2013 Неизвесноста дали ќе се оди на локални избори е причината поради која СДСМ советничката листа ја подготвува бавно и не соопштува информации за нејзиниот изглед.
Остана уште малку време Сојузот на иднината да се договори дали ќе излезе на изборите в март под моментните услови што произлегоа од несогласувањето на Груевски за предвремени парламентарни избори.
Освен во Кочани, истата стратегија се применува и во останатите општини.
Штурите информации што доаѓаат од партиски извори од Општинската Организација ја содржат веќе раширената шпекулација дека советничката листа на опозицијата во Кочани ќе ја предводи стопанственикот и поранешен пратеник во Собранието, Ванчо Ѓоргиев.
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ каде според она што постои како неофицијална верзија во првите петмина нема ниту еден од актуелниот состав на Советот, во СДСМ се очекува во првите места да има барам тројца од досегашниот состав. Таму веројатно треба да се најдат претседателот на ОО Ратко Христов, Огнан Јовиќ и Ѓорги Алексов.
Добитна позиција ќе бараат и најистакнатите партијци од останатите коалициони партнери од Сојузот за иднината, локално пресликан и како Кочански фронт за иднината.
Место во Советот очекуваат претставници на ВМРО- НП, НСДП и ЛДП.
Едното од добитните места, како што дознаваме е резервирано за припадник на ромската заедница. При кроењето на листата било водена сметка и за застапеноста на жените барем во сооднос од 1:3. До конечното објавување на листата остануваат само уште четири дена.
Г. Лалов