14.02.2013 Маршот на отпорот во Виница тргна кон центарот на градот, а заврши над градскиот плоштад. Стотина граѓани, членови и симпатизери на опозицијата со транспаренти со политичка содржина и памфлети на кои пишуваше „ОТПОР“ маршираа против „режимот“ на власта. Карванот запре на улицата „Маршал Тито“, од каде членови на Сојузот за иднината, како и истакнати локални партијци упатија пораки кон власта.
- Само во последните 5-6 години од Македонија се иселиле 450 илјади Македонци, 86 000 зеле бугарски пасоши со цел да егзистираат во друга држава. Е, ова Македонија господо од власта, ова е Македонија за која вие молчите -рече Соња Ѓоргиева од ЛДП.
- Често можеме да слушнеме немојте да зборувате, бидете потивки, правдини не истерувајте, ќе не кажеле во Комитетот на ДПМНЕ, е тогаш ќе сме виделе. На кое дереџе дојдовме, таа работа не ја бива, тоа така не оди, тоа така нема да се случи - порача Орце Јордановски од СДСМ.
-Она што го направи Груевски со бруталноста со своите пиони ќе влезе во аналите на светската историја и парламентарна демократија. Тоа се случува после 7 века, тоа го направил само Кромвел во Англија во 14 век и сега Груевски во 21 век - рече Тито Петковски, лидер на НСДП.
-Во наше време полицијата беше на една страна, а бандитите на друга. Сега се е измешано. Гледате што се случи со „Детонатор“ во Источна Македонија, тоа се истите оние луѓе кои ги полнеа кутиите, ги местеа изборите во 2011 година - рече Стевче Јакимовски од СДСМ.
Пред присутните се обрати и опозицискиот кандидат за градоначалник на Виница Венцо Вуинов.
-Дали знаете некој капитален проект реализиран во последните четири години? Нема таков, затоа имаме поскапи сметки за вода, поскапи сметки за ѓубре, за осветлување и поскап данок, а повеќето села во Општината немаат вода по половина година - рече Венцо Вуинов, кандидат за градоначалник на Виница.
Додека се држеа говорите од спротивната страна се собра и група приврзаници на власта. Неколку пати доаѓаше до вербални пресметки, но полицијата не дозволи да се случи посериозен инцидент.
Г. Лалов