08.07.2013 За да се стигне до трошната куќарка на Љуба Ангелова во Грдовци треба да се помине низ кал и остатоци од фекалии во дворot, излеани од селската канализација.
Иако нејзиниот дом е на сред село, условите што ги има во него, благо речено се мизерни. Старицата се жали дека со години живее во влага и неподносливата смрдеа.
Друштво и прават двете полнолетни деца, кои со нарушеното психичко здравје се принудени да ги трпат и нехуманите услови за живот. Излеаната вода од канализацијата после секој обилен дожд ги поплавува двете скромни собички.
- Канализацијата и целиот измет е овде, многу смрди, се мачка како масло, низ дворот не можеме да поминеме од двете страни. Лошо мириса, гадно е, преку ноќ се чувствува дома, иако прозорецот и вратата се постојано отворени, така спиеме, смрди, реата си доаѓа, рече Љуба Ангелова од Грдовци.
По последните врнежи домот на Ангелови повторно се наполнил со вода. Претрпеле голема штета, па морале да ги исфрлат прекривките на подот и дел од покуќнината.
Тројцата живеат со пензија од 6.000 денари, па поради неиздржливата состојба помош побарале од Општината.
- Дојде комисија, рекоа за 250 евра ќе донеаст песок, цемент и усјемал, ама ги нема. А кој ќе ги прави поправките, јас не можам со скршена рака, на 70 години. Не ни стасува ништо, за лекарства нема, а нема ни што да јадеме. Не сум должна ни за струја, ни за вода, државата ни ги дава, јас на државата и ги враќам. Требаше за Кочани да отидам за да се раздолжам, ама од минатата пензија само еден денар сум вратила од Кочани, рече Ангелова.
Покрај влагата, ќерката заболела од астма, па мора да се лекува во Штип. Синот исто така мора да зема лекарства, но со социјална помош од 1000 денари тоа е невозможно.
Постои опасност и дел од куќата да се сруши, проблем што не можат сами да го решат.
- На шест илјадите денари сме, бараат да купам ова-она, нема со што, имав детергент, водата ми го однесе, сега немам пари нов да купам за да си ги исперам децата, тешко, многу тешко е, и затоа велам нека падне куќата да не убие, ајде таму, додава Љуба Ангелова.
Излевањето на отпадната вода од канализацијата не е проблем само за Ангелови, туку и за нивните соседи. Затоа сите заедно бараат канализацијата во селото да се поправи и да се поставт пошироки цевки за да може да ја соберат сета вода кога ќе заврне дожд.
Т. Ајтовски