29.05.2014 Потврда на раширената констатација дека спортот во Кочани стагнира или назадува е и згаснувањето на рели трката на Пониква, за чие возобновување нема можности неколку години по ред.
Се одбележува нова годишнина од „погребувањето“ на најатрактивниот спортски настан во градот, особено за љубителите на автомобилизмот, брзото возење и адреналинот.
Последната трка се одржа во 2008 година кога организатор беше Автомобилистичката федерација на Македонија, со техничка поддршка на АМД „Лопен“, кое амбициозно го стартуваше целиот проект, а учествуваше и директно во трката со свој возач.
20-тина учесници редовно беа дел од овој спектакл што се одржуваше 15 години во низа. Беше присутна целата домашна елита која за волја на вистината годините претходно беше и побројна отколку сега, гостуваа и возачи од соседните земји, но и од подалеку.
На патеката долга близу 7 километри настанот беше поместен во два дена. Во саботата се одржуваа тренинзите, а во недела официјалната трка. Имаше многу атракција, но и инциденти, за среќа најчесто без фатални последици. Сето тоа намамуваше илјадници гледачи, претежно локална публика, но и од соседните градови, која уживаше покрај патеката во перформансот на учесниците и убавото сончево време.
Поради недостиг од пари релито во Кочани замре, засега без внатрешна или надворешна иницијатива за негово враќање на старите патеки. Уште еден спортски настан кој ќе остане само во аналите на спортското живеење на Кочани.
Г.Лалов
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}