18.02.2013 Актуелниот градоначалник Ратко Димитровски нема да биде единствениот кандидат на гласачкото ливче во трката за нов мандат на функцијата. Друштво ќе му прават уште двајца, чии партии ги кандидирале во законскиот рок.
Бројот на советнички листи пак, е уште поголем, односно покрај онаа од коалицијата на власт, на советничките столчиња ќе се обидат да седнат и кандидати од уште четири други партии, односно група избирачи. До Општинската изборна комисија пристигнале осумте кандидатски листи до полноќ на 16 февруари, со што биле запазени законските одредби. Оттаму ги потврдија подносителите на сите листи и имињата на тројцата кандидати за градоначалник.
- Од листите за кандидат за градоначалник примени се од Социјалдемократската унија со кандидат Симо Веселинов, од Социјалдемократската партија на Македонија со кандидат Горан Нисов и од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ кандидатот е Ратко Димитровски. За членови на Советот примени се листи од СДПМ чиј носител е Снежана Јорданова Филипова, од ДОМ носител е Катица Тасева, од Народно движење за Македонија носител на листата е Даниел Глигоров, од Група избирачи носител е Рами Велиов и од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ носител е Иван Иванов, рече Ирина Хаџиева, претседател на Општинската изборна комисија – Кочани.
Сите кандидатски листи се потврдени со решенија на Општинската изборна комисија и веднаш се однесени во Комисијата за верификација на фактите, односно до т.н. Комисија за лустрација во Скопје. По пристигнувањето на извештајот од споменатата комисија, доколку нема пречки за некој од кандидатите, тогаш нивните имиња и ќе се официјализираат, односно ќе се најдат на гласачките ливчиња.
Т. Ајтовски