11.06.2014 Бура што траеше триесетина минути, проследена со пороен дожд и ветер попладнето направи хаотична атмосфера во Кочани. Скоро на сите страни се гледаа откoрнати дрвја и искршени гранки, а улиците се претворија во реки.
Големиите количини вода носеа се пред себе, а ветерот искина поголем број кабли за телефонски и телевизиски пренос, како и за електрично напојување.
На неколку места во градот поради паднатите дрвја што се препречија на сообраќајниците, во прекин беше и нормалното одвивање на сообраќајот, па возачите бараа алтернативни решенија за да стигнат на целта.
Најкритично беше на улицата “Борис Трајковски“ спроти џамијата каде неколку дрвја од дрворедот се нашле на коловозот во моментот кога поминувало патничко возило со делчевски регистерски таблички. Од ударот возилото претрпело поголема штета, па мораше да интервенира и Противпожарната единица. За среќа возачот и совозачот поминале без последици.
Оштетено возило имаше и на големиот паркинг на Трговскиот центар, каде од падот на гранка од дрвото во близина искршено е задното стакло, а има и други оштетувања. Паднати дрвја имаше и во близина на Градскиот парк кај чешмата со мозаикот на Св. Петар и Павле, кај градскиот пазар и на повеќе други места.
Граѓаните од повеќе улици во ниската зона од градот се пожалија на затнати шахти и поплавени подрумски простории. На неколку куќи на улиците “Осоговска“ и “Христијан Карпош“ имаше оштетени кровови и искршени поголем број прозорски стакла.
Санирањето на оштетувањата започна веднаш по невремето, а последиците од него допрва ќе се сумираат.
Т. Ајтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}