10.07.2014 Десетина момчиња и една девојка успешно го положија првиот курс за спасители на вода што се одржа во Кочани. На градскиот базен тие ги покажаа вештините што ги научиле во изминатите две недели, при што инструктори им беа лица со повеќегодишно искуство во безбедноста на вода.
Согласно законските одредби сите јавни капалишта мора да имаат ангажирано обучени спасители, а младите кочанци кои успешно го поминаа курсот добија и меѓународно признати сертификати.
- Овде доаѓаат илјада до илјада и петстотини луѓе кои мора да бидат згрижени. Мора обучени лица да се грижат за нивната безбедност, особено што предвидено е на одредена квадратура 1-2 спасители. Значи се е регулирано со посебен правилник, рече Петре Петрушевски, инструктор по безбедност на вода.
- Овие неколку денови пробувавме колку што е можно тие повеќе да ги совладаат вештините, како со пливањето, така и со тактичката и техничка подготовка на спасителите. Мислам дека дојдовме до солидно ниво, а во иднина очекуваме идните спасители во Кочани да го надградуваат своето знаење, рече Иле Попов, меѓународен инструктор за безбедност на вода.
- Верувам дека ќе има и други такви низ цела Македонија кои ќе можат да си го покажат своето знаење, односно да ги усовршиме колку можеме повеќе за да има повеќе такви кадри, млади кои ќе спасуваат човечки животи, односно ќе помагаат во обуката на пливачи, непливачи и спасители, рече Љубе Попов, меѓународен инструктор за безбедност на вода.
Обуката и полагањето за спасители на вода во Кочани ги организирше Општинската организација на Црвен крст.
- Покрај нашата желба ова да го направиме, големо инсистирање беше и на лицето што стопанисува со овој базен најпрофесионално да ја врши работата, односно без спасители со сите научени вештини за спасување не сакаше ни да почне со работа, рече Стојанка Коцева, секретар на ОО Црвен крст – Кочани.
Задоволни од обуката и наученото се и младите кои официјално станаа спасители на вода и добија соодветни сертификати.
- Не беше многу тешко, но беше потребна работа, посветеност, сериозност и одговороност. Го постигнав тоа, положив во теоретскиот дел, сега останува уште дицсиплината пливање на 50 метри краул и мислам дека ќе ја совладам без проблеми таа техника и ќе се стекнам со лиценца. Со текот на времето ќе собираме искуства, ќе се надградуваме и така, рече Иван Јанев, спасител на вода.
- Секој кој го сака пливањето може да успее, да се приклучи кон спасителска екипа, да се чувствуваш храбар, да чувствуваш дека можеш да помогнеш на човек, да спасиш живот е навистина нешто големо и значајно, рече Јулка Китанова, спасител на вода.
Според одговорните во Црвениот крст, ова нема да биде последна обука за спасители и безбедност на вода. Во план е, согласно потребите, слични обуки да се организираат на одредени временски периоди, со што поглем број млади луѓе ќе стекнат спсобност и знаење да помогнат во случај на давење или друга несреќа на вода.
Т. Ајтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}