14.07.2014 Машинската индустрија во Кочани ќе ја продолжи шестдецениската традиција на поранешниот “Руен“ заедно со 25-годишното искуство на “Тинг Инокс“ за да се врати имиџот на фабриката што беше гордост на градот.
Тоа беше речено на свеченоста по повод рестартирањето на компанијата што сега го носи името “Руен Инокс аутомобиле“, а на која присуствуваа голем број партнери, соработници, сегашни и поранешни работници.
Враќањето на фабриката во живот ќе значи раздвижување на стопанските текови во општината, а истовремено можност за вработување на стручните кадри што порано работеа овде, како и новите кои допрва доаѓаат.
- Кочани има традиција за машинство, за техника, има многу занаети во овој град и многу генерации оставиле знаење што наша должност ни е да го пренесеме на младите кадри, за повторно да се вратат нашите деца, да одат да студираат машинство, да има кадар оваа фабрика и веќе никогаш да нема вакви падови, рече Славе Јорданов од “Руен Инокс аутомобиле“.
Според Јорданов, плановите во “Руен Инокс аутомобиле“ се големи, посебно за образувањето на нови стручни кадри.
- Во иднина ако успееме да отвориме и факултет за машинство и техника во овие простори, каде ќе можеме слободно да го искористиме институтот и лабораторијата за контрола што ги имаме во “Руен“, ние ќе направиме уште еден исчекор во знаењата на нашите млади кадри кои сакаме да останат во Кочани, да не одат во странство и да градат иднина овде со своите семејства. додава Јорданов.
За обновување на процесот на производството досега новите сопственици вложиле околу 2,5 милиони евра, со што е обновена целата инфраструктруа во фабриката, обезбедени се потребните репроматеријали, а веќе се потпишани договори со поранешните купувачи од балканските и западноевропските земји.
- Веќе се примени околу 120 поранешни вработени, околу 20 дипломирани машински инженери, хемичари и металурзи, сега примивме 15 млади кадри со факултет кои се подготвени за дообука за да работата на ЦНЦ машини, рече Јорданов.
За само два месеци од враќањето на фабриката во производство пристигнале нарачки за ламели и квачила за патнички и товарни возила во вредност од околу 600 илјади евра, а се очекува склучување договори и со купувачи од Турција и Блискиот Исток.
Т. Ајтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}