02.09.2014 Во колиба искована од најлон и стари штици живее осумчленото семејство Абазовски од Кочани. Двајцата родители се невработени, а со шесте малолетни деца живеат од минималната социјална помош.
И покрај тешките услови за егзистенција, решиле да изградат сопствен дом, поради што на една мала парцела во ромското мaало ископале темели и поставиле основа за куќарка со претсобје и една соба. Но, изградбата била стопирана од градежната инспекција затоа што Абазовски не се сопственици на земјиштето и немаат одобрение за градба.
- Почнавме, но не запреа. Прашав од кои причини, барав да ми дадат дозвола, да го платам, друго ништо не барав. Способeн сум сам тоа да го изградам, за толку ми дава државата, за да го направам, за сите како што имаат легализирано и јас да го легализирам, рече Тархан Абазовски.
Стопирањето на изградбата на започнатата куќарка го принудиила Абазовски да побара помош во Локалната самоуправа. Неколкупати остварил средби и со градоначалникот Димитровски, но останал зачуден од одговорот што го добил од него.
- Еднаш му отидов, двапати му отидов, постојано му барам помош, но ме исфрли како ништо да не било. Му кажав дека сум во тешка состојба, дожд кога врне внатре е поплавено и немам каде да одам. Тој ме испраќа да одам во азил. Зошто ме испраќа во азил, под кои услови, таму да не е подобро? Тоа не е подобро, јас сум тука роден и тука сакам да умрам. Со моите деца да живеам, како што другите живеат. Сакам да ми даде одобрение да го направам ова, колку чини да го легализирам и готово, додава Абазовски.
Ниедно од шесте деца не оди на училиште, иако половината од нив се на училишна возраст. Најстариот син има здравствени проблеми, заради што неопходна му е лекарска грижа и соодветни услови за живеење.
Таткото Тархан вели дека нејасен му е ставот на одговорните во Локалната самоуправа зошто само неговата куќарка не може да се изгради, кога во околината такви има уште најмалку триесетина што веќе се завршени и вселени. Најголема грижа за сега му е како ќе ја поминат претстојната зима, затоа што колибата не обезбедува заштита од студот, а пари за кирија во други домови немаат.
Т. Ајтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}