30.05.2013 Канал 8 телевизија подготвено ќе ја дочека промената на начинот на емитување на програмата. Воведувањето на дигитализацијата на сигналот воопшто нема да влијае на начинот на кој до сега се работеше, затоа што подготовките за преминот од аналогно на дигитално емитување започнаа навреме. Ова значи дека гледачите кои и досега ја следеле програмата преку некој од кабелските оператори тоа ќе им биде овозможено и во иднина.
Емитувањето ќе биде на локално ниво, односно со добиеното одобрение од Советот за радиодифузија, ќе бидат покриени гледачите од општините Кочани, Зрновци, Чешиново-Облешево и Виница. Досегашното следење на програмата преку обична надворешна антена веќе нема да биде можно. Исто така, сигналот нема да биде достапен ниту преку операторот ONE, кој беше избран за да го зрачи дигиталниот сигнал.
Иако граѓаните се по малку збунети што ќе се случи по 1 јуни со телевизиските програми, во суштина за нив и нема да има поголеми промени, односно без никакви инвестирања во опрема ќе можат и понатаму да ги гледаат. Единствено оние што не се приклучени на некој од кабелските оператори ќе останат без програмата на Канал 8.
Од фирмата “Телекабел“, еден од кабелските оператори во Кочани потврдуваат дека нивните корисници немаат обврска да купуваат дополнителна опрема или т.н. сет топ бокс уред.
- Нашите корисници нема потреба да купуваат никаква опрема. Програмата ќе можат и понатаму да ја следат без проблем како и до сега, рече Зоран Илиев, технички директор во “Телекабел“.
Гледачите кои не се приклучени на кабелски оператор, освен што нема да можат да ја следат програмата на Канал 8, ќе мораат да набават и дополнителен уред доколку имаат од постарите модели на ТВ приемници за да гледаат некоја друга телевизиска програма. Инвестицијата во просек ќе ги чини меѓу 900 и 1600 денари, во зависност од квалитетот на уредот. Дигитализацијата на сигналот значи воведување во нова ера на емитување на телевизиската програма што ќе обезбеди подобар квалитет на сликата и тонот, но и поголем избор за крајните корисници на услугата.
За корисниците на интернет и понатаму останува можноста програмата на Канал 8 во реално време да ја следат на своите компјутери преку стримингот, на линкот: Во живо
Т. Ајтовски