10.12.2014 Полициската станица од Делчево поднесе кривична пријава против 45-годишниот Љ.Ј. од Македонска Каменица поради постоење на основано сомнение дека сторил кривични дела „спречување службено лице во вршење службено дејствие“, „против правно лишување од слобода“ и „загрозување на сигурноста“.
Причина за поднесување на пријавата е што делaтa се извршени над службено лице, односнод државен инспектор за земјоделство, рибарство и аквакултура вработена во Подрачната единица во Кочани.
Според полицискиот билтен, на почетокот на месец ноември годинава за време на вршење на контрола од страна на државниот инспектор во угостителски објект во Македонска Каменица, Љ.Ј. кој бил вработен во него и упатил сериозни закани по личната сигурност на инспекторката и по сигурноста на нејзиното семејство.
Подоцна пријавениот ја попречувал во извршување на службените дејствија така што за време на пополнување на записник за констатирана состојба удрил по масата на која што таа работела. Потоа ја затворил влезната врата од објектот и противправно ја лишил од слобода.
Подоцна инспекторката по телефон му се јавила на сопственикот на угостителскиот објект, по што била ослободена. За своите постапки Љ. Ј. ќе одговара на суд.