16.12.2014 Заврши процедурата за избор на нови официјални обележја на Oпштината Чешиново-Облешево.
По распишаниот јавен оглас за изработка на идејни решенија за нов грб и ново знаме, пристигнале пријави од тројца автори за идејно решение на грб и на двајца автори за идејно решение на знаме.
Комисијата за спроведување на постапката ги разгледала пристигнатите идејни решенија и предлогот од авторот кој се потпишал со шифрата „Престолнина на штрковите“, го достави до Советот на општината.
На послдената седница е донесена Одлука со која се усвојува предлогот на Комисијата.
Грбот на Чешиново Облешево е црвен штит опколен со оризов венец што ја симболизира главната земјоделска култура во општината. На штитот се наоѓаат две глави на штрк како обележје на општината, која влезе во мрежата на европски села на штркот. Исто така симболизирана е и геотермалната вода со која располага регионот. На врвот има палисадна круна што укажува на припадноста на локалната самоуправа кон руралните општини во Македонија.
Знамето пак, е двобојно, црвено и бело, а во средината доминира оризовиот клас.
По официјалната регистрација на новите решенија во Централниот регистар, стариот грб и знаме на Општина Чешиново-Облешево ќе бидат ставени надвор од употреба.
Т. Ајтовски