19.01.2015 Дедо Лазо Апостолов од Зрновци на празникот Водици има причина за двојна прослава.
Како голем верник го слави Христовото крштевање, а здравјето го служи добро, па годинава наполни 100 години. На роденденската прослава му дојдоа најблиските од семејството и му донесоа славеничка торта со свеќички.
Радоста на старецот беше голема што и по толку години не го заборавиле, но признава дека и покрај општото здравје организмот го издава.
- Очи имам - не гледаат, уши имам - не чујат, нозе имам, не стојат, не можат да одат. Паметот веќе го губи паметењето, рече Лазо Апостолов, најстариот жител на Зрновци.
Најстариот жител во Зрновци и во кочанскиот регион, е благодарен што најблиските во семејството му ја даваат потребната нега и грижа, а најзаслужна за тоа е неговата снаа.
- Таа ме гледа, таа ме чува, таа ме негува. Ќе ме измие сабајле, ќе ми даде вода, ќе се измијам, и кафе ќе ми свари, ќе пијам.Снаа ми е, па ќерка, додава Апостолов.
Дедо Лазо има 4 деца, 6 внуци и 10 паравнуци. Неговата снаа Гордана за него се грижи веќе 35 години и вели дека таквата обврска не и е паѓа тешко.
- Не е тешко, јас мислам дека морам така да го гледам, не можеш така да го оставиш сам, мораш да му дадеш да јаде, да го облечеш, да го измиеш. Добро е што ме слуша многу и многу се погаѓаме, како што ќе му кажам така прави, рече Гордана Глигорова, снаа на Лазо Апостолов.
На прославата на 100-от роденден на Апостолов го посетија од Локалната самоуправа на Зрновци, при што му доделија пригодни подароци.
- Дедо Лазо ни е најстар жител на општина Зрновци и ние се гордееме со него. Тука сме да го прославиме 100-от роденден и да му посакаме многу здравје и уште многу години да живее, рече Блаже Станков, градоначалник на Општина Зрновци.
Долговечноста на дедо Лазо е доказ дека Зрновци како рурална општина има здрава животна средина. Во неа живеат уште неколкумина старци на возраст од 90 и повеќе години, па не е чудно ако и тие по некоја година ги прослават своите 100-ти родендени.
Т. Ајтовски