29.07.2013 Кочанци се запознаа со проектот „Лешник во Македонија“. На средбата со техничкиот консултант за производство на лешници Италијанецот Џанлука Гризери присуствуваа голем број земјоделци и заинтересирани граѓани за одгледување лешник. Земјоделскиот техничар кој се занимава исклучиво со производство на лешник Италијанецот Џанлука Гризери тука е со цел да го основа проектот „Лешник во Македонија“.
На презентацијата рече дека како што стојат работите во светот се поголема е потребата од производство на лешник бидејќи зависноста од откуп на лешник од Турција е голема. Затоа другите земји треба да се запознаат со начинот на производство и развиток на оваа култура. Во Македонија условите за производство на лешник се идеални.
-Условите во Македонија се идеални за производство на лешник како климатски, така и составот на почвите. Интересот од страна на земјоделците е голем затоа што со овој проект започнавме од неодамна. Има луѓе што се заинтересирани, се јавуваат , прашуваат а некои имаат и посадено, рече Џанлука Гризери, технички консултант за производство на лешници.
Овој момент е доста важен бидејќи можат да се искористат и субвенциите што ги нуди Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за производство на лешник, додаде Гризери.
-Лешникот како култура е извонредно адаптибилна. Се привикнува на повеќе климатски и почвени услови. Од условите што ги виде господинот Гризери тука во Кочани, Виница и Берово е задоволен. Така да неговата констатација е дека имаме извонредни услови за одгледување на оваа култура. Лешникот како култура бара малку работа. Тоа е една поволност која може да послужи како алтернатива на останатите култури. Тоа значи дека еден земјоделец може, паралелно да одгледува и друга култура освен лешникот, истакна Гоце Стојановски, агроном, стручен консултант на проектот.
Почетната инвестиција по хектар изнесува 2.500 евра, околу 50 садници за хектар површина. Околу 800 евра за обработка на почвата, сума која преку субвенциите ќе ги рефундира Владата. По пет години правилно и квалитетно одгледување на лешник треба да даде приноси од околу 2 до 2,5 тони по хектар, беше истакнато на презентацијата. Не се очекуваат проблеми и при откупот бидејќи лешникот како култура е дефицитарен на светскиот пазар, а потребите на кондиторската индустрија растат секојдневно.
Т. Велкова