11.03.2015 Службениот “фолксваген пасат“ на Општина Кочани што го носи регистерскиот број 0001 ќе оди на продажба.
Автомобилот за чија набавка пред три години се крена голема врева во Советот на Општината, сега општинската администрација сака да го оттуѓи. За да се случи тоа неопходно е согласност да даде мнозинството советници, исто онака како што во ноември 2011 година кренаа два прста и донесоа одлука од општинскиот буџет да се издвојат пари за германските 140 коњи спакувани под црната хауба на автомобилот.
За возилото од моделот “пасат конфортлајн 2.0 тди“ на добавувачот Порше Македонија му беа платени 1 милион и 600 илјади денари или околу 26 илјади евра.
Парите беа обезебедени со пренаменување на средствата што првично беа планирани за реновирање на просториите што ги користи градоначалникот. Купувањето на новиот фолксваген се оправдуваше со намерата да се намалат трошоците за одржување на возилото што дотогаш сега се користеше, а кое било доволно амортизирано.
На почетокот на февруари годинава градоначалникот Димитровски управувајќи го “пасатот“ имаше сообраќајна незгода. Беше причинета материјална штета на предната страна на автомобилот, а првиот човек на Општината остана неповреден. Според информациите од Секторот за внатрешни работи - Штип, незгодата се случила на кростосницата помеѓу улиците “Тодосија Паунов“ и “Солунска“, кај поранешната фабрика за Хартија.
Еден месец по несреќата се бара можност хаварисаното возило да се продаде. Предлог-одлуката за продажбата на три години стариот автомобил ќе се најде на разгледување на седницата на Советот закажана за в петок.
Т. Ајтовски