30.07.2013 Помош за четиричленото семејство Манови од Кочани кои повеќе од три месеци живеат во гаража, без минимални услови за хигиена и нормален живот, стигна од штипскиот црвен крст и од бизнисменот од Штип Дурмиш Мехмедов. За семејството Манови дознал од телевизија и веднаш одлучил да им помогне.
-За ова семејство дознав од телевизија. Кога видов дека нема каде да живеат веднаш се понудив за помош. Нека биде ова и апел до локалните власти за да им обезбедат простор да им се направи кров над глава. Греота е и за децата, рече Дурмиш Мехмедов , бизнисмен од Штип.
Од ОО на Црвен Крст од Штип добија еднократна помош составена од храна и основни хигиенски средства.
-Црвен крст од Штип за семејството Манови дозна од телевизија и веднаш обезбеди пакети со храна и хигиенски средства. На овој начин ќе им помогнеме да ги имаат неопходни средства барем за еден месец, рече претставник од ОО на Црвен крст – Штип.
Софка и нејзиниот сопруг Раиф се невработени. Добиваат посебен додаток со кој ги прехрануваат и им купуваат лекови на своите две глувонеми деца 13 годишната Дениса и 10 годишниот Дејвид. Здравјето им е нарушено на сите членови од семејството. Манови им се заблагодаруваат на штипскиот бизнисмен и црвениот крст за пружената помош.
Софка и Раиф заедно со нивните глувонеми деца се надеваат дека слух ќе има Општината па, до почетокот на зимата ќе добијат кров над глава.
Т. Велкова