29.04.2015 Градоначалникот Димитровски ги собра локалните медиуми на прес конференција за да им соопшти дека опозицијата во Кочани и пошироко сакала да се врати на власт без за тоа да одлучат граѓаните. За тоа ги користела бомбите што биле сечени, прелепувани, монтирани и целосно креирани, со желба странци да ја поставеле на власт, без волјата на народот изразена на избори.
Според него, во СДСМ немале легитимет да зборуваат за делата на ВМРО-ДПМНЕ и за тоа дека гласачите со сила биле натерани да гласаат за актуелната власт.
- Ако се прашуваат во СДСМ зошто граѓаните гласаат за делата на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани, тогаш мораат да се потсетат дека тие за нашето Кочани имаат сторено многу недела.
Мислевме дека имаат проблем со сеќавањата, па ги потсетуваме зошто вреди да се поддржи ВМРО-ДПМНЕ во Кочани, но сега веќе кога е откриена нивната странска агенда, со пуштањето на монтираните разговори, нема потреба да им се посветува толку внимание и објаснување, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Димитровски доби прашање од новинарите зошто ја организирал оваа прес-конференција ако нема потреба да им се посветува внимание на бомбите на опозицијата и дали очекува и Кочани да биде споменато во прислушуваните разговори.
- Немаме информации дали ќе биде споменато или не, заради тоа што ние не се занимаваме со тоа, како што реков во пресот, што е кажано и како е кажано, и кој монтирал, кој сечкал, кој правел, туку ние се грижиме за проектите, ние се грижиме за понатаму, додаде Димитровски.
Во продолжение на прес-конференцијата Димитровски потсети на дел од реализираните проекти од инфраструктурната сфера, како уредувањето на тротоарот покрај Кочанска Река, изградбата на фонтаната во Трговскиот центар, реконструкција на водоводната инсталација, пробивањето и тампонирањето локални патишта, изградбата на спортски игралишта и други проекти. Исто така, потсети на двете странски инвестиции и подобрувањето на туристичките услови на Пониква.
Според него, тоа била вистината за Кочани, што тие како локална власт ќе продложеле да ја спроведуваат.
Т. Ајтовски