21.05.2015 Матурантите од СОУ „Гошо Викентиев“ ја прославија својата матурска вечер, која што претставува посебно доживување за секој адолесцент, момент кога тој е во центарот на вниманието.
Откако се собраа во училиштето учениците го одржаа последниот класен час и потоа клас по клас, предводени од својот класен раководител излегуваа во дворот на училиштето каде што голем број луге ги пречекуваа со силен аплауз. Менаџеркиот тим на училиштето и годинава се потруди матурската забава на матурантите да им ја направи незаборавна.
Почнувајќи од украсувањето на училиштето, музика на летната сцена на ЦК „Бели мугри“ каде што продефилираа, а матурантите ги почестија присутните со валцер.
Организирано се упатија кон “Еуро хотел Гратче“ каде заеднички го прославија официјалното влегување во светот на возрасните. Таму ги поздрави директорот на училиштето Димче Сребренов кој на ученикот на генерацијата Илија Рашков му врачи скромен подарок.
-Јас завршив на смерот електротехничар за компјутерска техника и автоматика. Чест ми е да ја примам наградата ученик на генерацијата. Се надевам дека очекувањата на професорите во иднина ќе ги оправдам најпрво како добар студент а потоа и како успешен граѓанин кој ќе го претстави училиштето во најдобро светло. Морам да напоменам дека во овие четири години имав прекрасна дружба со сите ученици, а професорите ни помогнаа да го совладаме најголемиот дел од материјалот кој се надевам ќе ни послужи во понатамошното образование. Сакам да ги поздравам сите професори кои беа инволвирани во образовниот процес, рече Илија Рашков, ученик на генерацијата.
Матурантите видно возбудени пред камерата на Канал 8 изјавија дека годините поминати во училишните клупи никогаш нема да ги заборават.
-Среќна сум што сум матурантка. Убаво поминаа овие четири години во СОУ „Ѓошо Викентиев“, рече Мартина Павловска, матурант.
-Завршив транспорт и шпедиција. Мислам дека и понатаму ќе продолжам со школувањето на истиот смер, рече Марјана Величкова, матурант.
Професорите задоволни од генерацијата матуранти, се надеваат дека учениците ќе го продолжат своето образование и ќе станат успешни граѓани.
-Мило ми е што раководев еден ваков успешен клас. Сите ученици се добри и коректни. Моја претпоставка е дека сите ученици ќе се запишат на факултет затоа што половината се одлични со успехот. Се надевам дека и во наредните години ќе имаме вакви ученици како оваа генерација матуранти, рече Златко Петрушев, класен раководител.
Забавата продолжи во “Еуро хотел Гратче“ до раните утрински часови. Прославувањето на полнолетството за овогодишните матуранти заврши. Сега следува размислување за идните обрвски и продолжување на школувањето, за во иднина да станат граѓани со кои ќе се гордее училиштето и државата.
Т. Велкова