06.08.2015 Изутрината околу 8,30 часот во стара куќа на улицата “Раде Кратовче“ во Кочани избувна пожар од кој објектот е целосно уништен.
Најпрвин чадот го забележале соседите кои помислиле дека сопствениците на куќата ја горат тревата во дворот, па затоа и немало брза реакција. Дури неколку минути подоцна биле забележани силните пламени јазици што го зафатиле покривот на куќата, по што веднаш била повикана противпожарната единица.
Пожарникарите пристигнале со две возила и веднаш го започнале гаснењето на огнот што постојано се заканувал да се прошири и на блиските објекти. Најголема опасност имало за една од куќите што практично е залепена до опожарената, но освен чадот што навлегол во внатрешноста и исчадената фасада кај неа нема друга материјална штета.
И покрај интервенцијата на пожарникарите, целосно изгоре покривот на куќата зафатена од огнот. За тоа придонесе и старата дрвена конструкција, што само за половина час се претвори во пепел.
Според информациите, во објектот не живеел никој, така што нема жртви или повредени. На местото на настанот увид направи полициска екипа, по што ќе бидат познати причините за пожарот.
Негативен момент во целиот настан беше вкоренетата неодговорност во пропуштањето на противпожарните возила. Иако стигнаа за десетина минути од повикот, тие имаа проблеми во пробивањето по улицата која беше преполна со паркирани автомобили, а и оние што се движеа пред нив дополнително го попречуваа сообраќајот.
Т. Ајтовски