10.08.2015 Во саботата околу полноќ, на излезот од Велес во правец кон Штип, се случила сообраќајна несреќа во која учествувало возило што го управувала жена од Кочани.
Автомобилот“сааб“ со бугарски регистерски таблички, во кој се наоѓале две лица,од засега непознати причини излетал од патот и се запалил.
Огнот за кратко време ја зафатил внатрешноста, па не било можно да се интервенира со прирачен противпожарен апарат. Поради тоа била повикана Територијалната противпожарна единица од Велес, која и покрај интервенцијата не успеала да го спаси автомобилот.
Гасењето на огнот траело повеќе од два ипол часа, при што сообраќајот по делницата се одвивал со предупредување кон останатите возачи.
Според информации од пожарникарите, возилото кое имало инсталација со плин, излетало од патот и најверојатно како последица од ударот се запалило. За среќа жената која го управувала, веднаш реагирала и успеала да го извлече своето дете, така што двајцата патници поминале без повреди. Од огнот е предизвикана поголема материјална штета.
Т. Ајтовски