11.08.2015 Шест високостручни кадри можат да најдат работен ангажман со огласот што го објави КЈП “Водовод“ во рамки на реализацијата на проектот “Третман на отпадните води во Кочани“.
Се работи за реализација на билатералниот договор што претпријатието го има потпишано со Локалната самоуправа, а според кој тие се задолжени да формираат Единица за спроведување на проектот.
Со огласот се бараат по еден извршител на работни задачи кои се предвидени според преземените обврски, односно потребни се градежен, геодетски, електро и машински инженер, потоа технолог-биохемичар и технички секретар.
Работниот ангажман на сите ќе им биде додека трае реализацијата на проектот, но од “Водовод“ нагласуваат дека потоа постои можност за трансформација на работниот ангажман на неопределено време.
За сите позиции кандидатите треба да имаат диплома од соодветниот факултет, освен за последната каде заинтересираните можат да бидат и со средно образование. Освен овие општи услови, сите кандидати треба да имаат солидно познавање на англискиот јазик.
Заедно со пријавата по огласот треба да се достави кратка биографија, диплома за завршено образование како и уверение, односно сертификат за познавање на странскиот јазик. Рокот за доставување на потребните документи е до 11 септември и истите можат да се испратат и во електронска форма на адреса Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. .
Со сите заинтересирани што ќе се пријават на огласот пред конечниот избор ќе биде направено интервју.
Т. Ајтовски