12.08.2015 Кочански “Руен инокс аутомобиле“ им излегува пресрет на новите студенти кои ќе се запишат на Машинскиот факултет, нудејќи им можност за бесплатна обука за стекнување компјутерски вештини.
Со тоа компанијата дава своја поддршка на реформите во образованието во Република Македонија и тоа со конкретни предлози во делокругот на практичната обука за работа со програмите Microsoft Office, Auto CAD и Solid works. Така таа се вбројува меѓу ретките во регионот што прави напори да изгради соодветно бизнис-едукативно партнерство, односно уште на почетокот на младите бруцоши да им овозможи запознавање со дел од работниот ангажман што ги очекува.
Бесплатната обука за работа со компјутери ќе се реализира во просториите на компанијата, а ќе ја спроведат стручни кадри од фирмата.
“Руен инокс аутомобиле“ располага со стручен кадар од сите профили на едукација со средно и високо образование, искусен инженерски кадар, разновиден машински парк и опрема од најразличен тип, а производната програма на фабриката останува како и до сега, спојки за патнички возила, товарни возила, автобуси и трактори.
Од компанијата ги повикуваат новите студенти да ја искористат можносташто им се нуди и веднаш по запишувањето на Машинскиот факултет да се пријават, затоа што обуката ќе се спроведе од 1 до 10 септември, односно пред започнувањето на наставната година на факултетите во Република Македонија.
- Вашата иднина е во вашите раце, направете правилен избор на вашата идна професија со запишување на Машинскиот факултет во Кочани, е пораката што ја испраќаат од “Руен“.
Почетното стекнување знаења за потребните компјутерски вештини ќе им биде неопходно на студентитге за полесно совладување на студиската програма на Машинскиот факултет.
T. Ajтовски