13.08.2015 Во временски период од неколку часа изминатата ноќ се случија две сообраќајни несреќи на приближно исто место.
Најпрвин околу 20 часот во близина на бензинската пумпа на излезот од населбата Оризари во правец на Виница се судриле автомобил “пежо“ со австриски и “опел вектра“ со бугарски регистерски таблички. Од силината на ударот причинета е поголема материјална штета кај двете возила, но за среќа нема повредени меѓу лицата што се наоѓале во нив.
Три часа подоцна пак, на околу половина километар од местото на претходната, се случила уште една сообраќајка. Во неа имало челен судир на автомобил “ауди 100“ со штипски регистерски таблички управуван од 56-годишен виничанец и џип “мицубиши пајеро“ со кочански регистерски таблички, а управуван од 38-годишен жител на село Косевица, општина Македонска Каменица. Во несреќата со потешки телесни повреди се здобил возачот на “аудиото“ кој итно бил префрлен во кочанската Општа болница каде е задржан на лекување.
Во судирот се оштетени и двете возила, при што возилото “мицубиши“ излетало од патот и завршило во блиската нива. Увид што траеше скоро два часа изврши полициска екипа со овластување од јавен обвинител, а по направениот алкотест, било констатирано присуство на алкохол во крвта кај возачот на џипот.
Делницата на патниот правец Кочани - Виница, од излезот на Оризари до крстосницата кај месноста Превалец се смета за црна точка и во изминатиот период овде се случиле поголем број несреќи, од кои дел завршија со смртни последици.
Т. Ајтовски