06.08.2013 Патничко возило “југо“ со кочански регистерски таблички е целосно оштетено од пожарот што го зафатил додека се движело кон Кочани од правец на Штип.
Силниот пламен од под хаубата на моторот бил забележан во близина на хотелот “Национал“ по што возачот успеал да го напушти и немоќно да гледа како возилото гори.
Според очевидци, кои го забележале запаленото “југо“ , претходно се слушнал силен пукот, по што се појавил огнот.
Петнаесетина минути по пријавувањето, на местотo на настанот пристигна и противпожарно возило на кочанската противпожарна единица. Сепак, пожарникарите не можеа да сторат многу за да се спаси “југото“.
Во меѓувреме, поради силнит ветар, огнот, преку банкината се прошири и на сувата вегетација во близина, заради што пожарникарите мораа дополнително да интервенираат во гаснењето. Додека траеше интервенцијата, сообраќајот беше во прекин околу 1 час, а возилата беа пренасочувани по другите улици за влез во градот.
За среќа, освен материјалната штета, во пожарот нема повредени лица.
Т. Ајтовски