21.09.2015 Почетокот на жетвата на оризот од овогодишната реколта во општина Чешиново-Облешево симболично беше означен со рачното зажнејување во атарот на село Чифлик.
На тој начин оваа локална самоуправа го одбележа својот празник, односно 11-годишнината од постоењето. Во рамки на прославата претходно се одржа свечена седница на општинскиот Совет на која беа претставени постигањата меѓу двете празнувања.
Беше речено дека за краток период се разрешени неколку инфраструктурни проблеми, а во тек е реализацијата на нови проекти од оваа област.
- Веќе сме на терен со што ги реализираме дел од проектите, тие се преку Агенцијата за поддршка на руралниот развој. Се работи за канализационата мрежа во самото место Чифлик, каде што се наоѓаме сега. Во најскоро време треба да започне изградбата на оваа мрежа. Понатаму, правиме две улици во Теранци и урбанистичките планови за населените места Облешево, Чифлик и Чешиново и неколку други проекти што во блиска иднина ќе ги презентираме. Со тоа општината Чешиново-Облешево станува бренд на овие простори и понатаму ќе продолжиме со решавање на проблемите на граѓаните, рече Костадин Личков, градоначалник на Чешиново-Облешево.
Во рамките на одбележувањето на празникот на Чешиново-Облешево на ученици од општинските основни училишта им беа доделени признанија за најдобри литературни творби на конкурсот што беше распишан по повод празникот.
Во селото Чифлик се одржа традиционалниот собир, на кој беше осветена празничната погача со оглед што денот на општината се совпаѓа со верскиот празник Мала Богородица. Во рамки на прославата беше поставен и камен темелник на мал парклис во Чифлик на местото каде се изведува зажнејувањето на оризот.
- Ќе поставиме камен темелник на мала црквичка со тоа што ќе го означуваме празникот, секоја година од тука ќе започнуваме со жетвата и ова му требаше на овој народ, мислам дека ќе стане традиција. Ги поканувам сите наредната година да дојдат на осветување на оваа црквичка, додаде Личков.
Свечената програма за одбележување на денот на Општината продолжи со дефиле на фолклорни групи до земајата и странство. Во спортската сала се одржа концерт на кој со своја програма се претставија учесниците на дефилето.
T. Ајтовски