25.09.2015 Неуспешно завршил обидот на двајца прилепчани да наберат стебла од канабис во Облешево и потоа да ги транспортираат дома за да ги преработат во марихуана. Полицијата ги пресретнала на патот кај Три Чешми и по проверката на нелегалниот товар во возилото, ги привела во полициска станица.
Според полициските информации, се работи за 29-годишниот А.Г. и 38-годишниот Д.Б., и двајцата со адреси на живеење во Прилеп.
По извршениот разговор на полициските инспектори со нив било констатирано дека постојат основи на сомнение оти прилепчаните сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
- Пријавените на 24 месецов година неовластено, од место на локалниот пат кај село Облешево набрале 106 стеблата од растението канабис. Со цел истите да ги пренесат во Прилеп, ги ставиле во јутени вреќи во багажникот на патничко моторно возило “рено скеник“ со прилепски регистерски ознаки, со цел да ги пренесат, преработат и припремаат за продажба на наркозависници во Прилеп и со цел да се стекнат со противправна имотна корист, рече Гордана Панајотова, портпарол на СВР - Штип.
Поднесувањето на кривичната пријава против двајцата прилепчани Полицијата дополнително го образложува со тоа што тие веќе се наоѓале во евиденцијата како сторители на слични кривични дела и против нив и претходно биле поднесувани пријави до Обвинителството.
T. Aјтовски