05.10.2015 Човекот со одличен глас и уште подобри песни, омилениот глас на музичката естрада Саша Матиќ настапи пред кочанската публика. Имаше целовечерен концерт во ресторанот “Але-дар“ во кој беше собрана неколкуилјадна публика.
Освен кочанци имаше и гости од други општини кои цела вечер уживаа во најголемите хитови на српскиот пејач.
- Поздрав до сите гледачи, навистина добро се чувствувам овде кај вас и добри домаќини сте. Имам позитивни впечатоци од Кочани каде што сум за прв пат, се надевам не и последен. Најголема награда за мене е публиката и оние кои ги почитуваат и сакаат моите песни. Додека имам таква публика јас не се секирам за мојата кариера. Само што го завршив мојот шести албум и сега ќе следува неговата промоција, па имам снимање на емисии, патувања. Откако ќе завршам со вас, од Кочани патувам за Минхен, па за Диселдорф, па Загреб. Во 2016 година одбележувам 15 години од почетокот на мојата кариерата, па ќе го одбележам тој јубилеј како што треба и ќе биде спектакл кој ќе започне од Белград, а после и концертна турнеја, изјави Саша Матиќ.
Добрите познавачи на музиката ќе речат дека Саша Матиќ како молња брзо се проби со исклучиво одличен глас и не постои личност која некогаш ги оспорила неговите музички и вокални квалитети. Во интервјуто за Канал 8 Матиќ рече дека може да се пофали со најголемо богатство во животот – многу пријатели, прекрасно семејство и весела публика.
Во ресторанот “Але-дар“, кој секогаш знае да изненади со добри музички гости, публиката се забавуваше до доцна во ноќта слушајќи ги и заеднички со Матиќ пеејќи ги неговите најголеми хитови.
Т. Велкова