21.10.2015 Несоодветната брзина при управување со моторните возила и непочитувањето на сообраќајните прописи се главните причини за сообраќајните несреќи што за неполни 12 часа се случија во Кочани. Три од сообраќајќите завршија со посериозни последици, односно со телесни повреди кај учесниците и со материјална штета кај возилата.
Првата се случила неколку часа по полноќ при што патничко моторно возило марка “бмв“ управувано од 27-годишниот Т.В. од Кочани излетало од коловозот и удрило во бетонска ограда кај крстосницата меѓу улиците “Димитар Влахов“ и “Глигор Апостолов Гочо“.
Поради неприлагодената брзина на движењето по ударот автомобилот ја прелетал оградата и се нашол во дворот на блиската куќа, а возачот се здобил со телесни повреди, поради што бил префрлен во болница.
Оваа локација на влезот од градот е позната црна точка на која често се случуваат слични инциденти, во кои освен материјалната штета, до сега имало и телесни повреди, па и жртви.
Втората сообраќајна несреќа се случила во вторникот околу 18,30 ч. на магистралниот пат А3 во близина на бензинската пумпа “Екоил“ кај Тркање. Во неа учествувале тешко товарно возило со кумановски регистерски таблички и трактор, а причина е што возачот на камионот поради врнежливото време и неповолните услови на коловозот не успеал навреме да ја забележи земјоделската механизација пред себе и дошло до судир. Притоа тој се здобил со телесни повреди.
Третата сообраќајна несреќа се случила истата вечер половина час подоцна на улицата “9 Мај“ во Кочани. Патничко моторно возило “форд мондео“ поради неприлагодената брзина и лизгавиот коловоз удрило во трактор што се движел во спротивен правец. Од ударот е направена поголема материјална штета, а 67-годишниот возач на тракторот бил повреден, а по лекарската интервенција бил пуштен на домашно лекување.
Т. Ајтовски