28.10.2015 Градежни работи за реконструкција на еден од пешачките премини се изведуваат на улицата “Глигор Апостолов Гочо“, при што се применуваат западноевропски искуства.
Наместо вообичаеното бојадисување се прави експериментална иновација со замена на белата површина од пешачкиот премин со бехатон плочки со бела боја.
Во реконструкцијата на преминот Локалната самоуправа не вложува сопствени средства, туку инвестицијата е донација од домашна фирма од градежната дејност, односно зафатот се прави како своевидно јавно-приватно партнерство што се очекува да продолжи и на други локации во градот.
- Ова е донација од фирмата “Марти Ароса“ и доколку во наредниот период се покаже како квалитетна оваа иновација, планираме и преостанатите пешачки премини да ги обновиме на овој начин. Со тоа би се заштедиле значителни средства што Општината ги дава секоја година за фарбање на пешачките премини, рече Влатко Димитров, заменик-раководител на Секторот за уредување на градежно земјиште во Општина Кочани.
Сопственикот на фирмата донатор вели дека идејата е пренесена како искуство од повеќегодишното работење во градежната дејност во Швајцарија. Очекува дека ваквото решение за изградба на пешачките премини ќе се покаже како подобро и дека соработката со Локалната самоуправа ќе продолжи.
- Тоа може со бел цемент и бел песок, горниот слој да биде поплочен и тоа да си остане трајно. Времето ќе си го покаже своето, немаме до сега искуство, ова ќе биде прво, како донација од нас за граѓаните на општина Кочани. И стрелките можат да се направат, се подготвуваат такви калапи и сите стрелки за лево, десно, право може да се направат со отсекување на асфалтот, ќе ги правиме идеите за да одиме напред, рече Бранко Петковски од фирмата “Марти Ароса“ - Кочани.
Обележувањето на пешачките премини и останатата хоризонтална сигнализација се прави двапати годишно, при што за набавка на бојата и за работна рака за бојадисување Општината просечно троши по околу 14 илјади евра. Досега имаше доста забелешки за квалитетот на извршената работа поради тоа што бојата набргу по нанесувањето исчезнуваше од асфалтот, па се очекува примената на бели бехатон плочки да се покаже како потрајно решение.
Т. Ајтовски