04.11.2015 За само 24 часа неколку настани со негативен предзнак што се случиле во кочанскиот регион се регистрирани во полицската евиденција.
Во вторникот околу 13 часот на магистралниот пат А3 на излезот од Облешево во правец на Кочани се случила сообраќајна несреќа во која учествувале две патнички моторни возила. Притоа, од судирот направена е поголема материјална штета кај возилата, а лицата што се наоѓале во нив поминале без посериозни последици.
Неофицијално, причина за сообраќајката е невнимателното и неприлагодено управување според условите на патот.
Вториот несреќен настан се случил еден час подоцна во Виница. 18-годишен работник на претпријатието “Електровин“ бил потешко повреден за време на работни задачи на електрична опрема во една виничка компанија. Додека работел во еден момент изгубил рамнотежа, по што паднал од височина од околу 4 метри и се здобил со телесни повреди. По брзата интервенција на неговите колеги веднаш бил пренесен во кочанската болница, а оттаму поради сериозноста на повредите е префрлен во штипската Клиничка болница каде е задржан на лекување.
Во вторникот околу 16,30 часот на улицата “Тодосија Паунов“ во близина на пешачкиот премин кај СОУ “Гошо Викентиев“ се случила уште една сообраќајна несреќа во која се повредени двајца тинејџери. Автобус со беровски регистерски таблички удрил во момчиња на 15 и 16-годишна возраст кои во критичниот момент поминувале оттаму. Притоа им нанел телесни повреди на екстремитетите, поради што им била укажана медицинска помош. Полицискиот увид треба да даде одоговор како се случило автобусот со поголема брзина од дозволената да премине на спротивната страна од коловозот и да удри во момчињата.
Т. Ајтовски