16.11.2015 Специјалитети подготвени по рецептите на нашите баби карактеристични за градот каде што се одржува манифестацијата. „Етно вешта жена“ по втор пат се одржа и во Кочани.
Преку убаво подготвени трпези со традиционални јадења жените ја покажаа својата хуманост и можноста да помогнат на децата со посебни потреби.
Хуманитарната манифестација не е со натпреварувачки карактер и сите учеснички донираат во хуманитарни цели.
- Како и минатата, така и оваа година се одржа „Етно вешта жена“ во Кочани. Собраните средства се наменети за децата со посебни потреби. Манифестацијата е во етно стил, а тоа подразбира подготовка на старински рецепти од типот на баници, баклави, тава ориз што е специфично за град Кочани. Оваа година ќе имаме и отпечатено книга за „Етно вешта жена“ во која ќе бидат вметнати рецепти од секој град, специфични јадења за повеќе општини. Од Кочани рецептите кои ќе бидат вметнати во книгата се тава ориз, сутлијаш, зелник и баклава, рече Марија Мишева, локален координатор на манифестацијата.
На хуманитарната манифестацијата учествуваа шест вешти жени Кристина Стојанова, Благица Павлова, Марија Мишева, Нада Петрова, Љубица Иванова и Анета Лазарова. На трпезите доминира јадењата направени од кочанското бело злато - оризот.
Одѕивот на жените за учество и хуманост беше на високо ниво и се собраа околу 15 илјади денари. Собраните средства ќе бидат искористени на Светскиот ден на децата со посебни потреби 3 декември кога заедно сите ќе се забавуваат.
- Навистина е убаво што и во Кочани се продолжува традицијата на дружење на вештите жени со тоа што есенскиот циклус на Вешта жена практично се состои од манифестацијата „Етно вешта жена“ која што има хуманитарен карактер. Вечерва во вашиот убав град не само што се дружиме и уживаме во убавите старински специјалитети што ги подготвија вештите жени од Кочани, Македонска Каменица, Виница, а има гости и од Куманово и Пробиштип, тука сме и да бидеме хумани затоа што дел од средствата што се собираат на оваа манифестација ќе бидат наменети да се организира убава забава и дружење на децата со посебни потреби. Речиси во секој град во Македонија се одржува „Етно вешта жена“ и навистина е прекрасно да се видат карактеристични јадења за секој град, рече Ирена Спировска, водител.
Новина од оваа година во одржување на „Етно вешта жена“ е тоа што од секој град каде што се одржува манифестацијата ќе се изберат по пет специјалитети со фотографија и рецепти и ќе биде отпечатена книга готвач чија цел на е овековечување на рецептите подготвени од вештите раце на хуманите жени.
За музичкиот дел на ова манифестација што ги негува и пренесува етно вредностите на македонската кујна, се погрижија членовите на групата „Хармонија“, а жените се забавуваа и дружеа до доцните вечерни часови.
Т. Велкова