23.11.2015 На продажба е ставен објектот на поранешниот хотел “Центар“ во Кочани. Зградата што повеќе од една деценија е напуштена, разрушена и претставува грда слика во централното градско подрачје треба да добие нов сопственик.
Постапката за продавање ја иницираше Министерството за финансии кое како доверител има ненаплатени побарувања од АД “Угостителство и туризам“ од Кочани против кое се води стечајна постапка.
Според јавно објавениот оглас недвижниот имот на стечајниот должник се продава на електронска аукција распореден во еден пакет, без почетна цена. Вкупната корисна површина што се продава е околу 1.600 метри квадратни, распоредени на три ката.
Проценетата вредност на објектот изнесува близу 16 милиони и 660 илјади денари, додека земјиштето што се наоѓа под него, како и дворното место не се предмет на продажба. Право на учество во електронската продажба имаат заинтересираните кандидати кои најдоцна до 2 декември ќе уплатат депозит од 10% од проценетата вредност. Јавната аукција ќе се одржи два дена подоцна, односно на 4 декември и предвидено е да трае 30 минути. Минималниот праг за наддавањето изнесува 500.000 денари, а продажбата на целокупниот имот се врши на принципот “видено-купено“.
Понудувачот чија понуда ќе биде избрана како најповолна, должен е да го уплати постигнатиот износ во рок од осум дена, но сепак Собранието на доверители ќе ја донесе конечната одлука дали имотот ќе биде продаден по постигнатата највисока понудена цена.
Инаку, напуштениот објект е претворен во јавен тоалет и место каде се фрлаат отпадоци, па дури и преноќевалиште за бездомни лица, поради што повеќепати беше побарано Општината да преземе мерки за негово средување. Оттаму, уште пред околу две години се правдаа дека не можат многу да сторат.
- Хотелот “Центар“ е во приватна сопственост, да се разбереме. И Општината не може да влијае. Може да влијае околу тоа да ги присили да се одржува хигиената околу него. И вашата сугестија ќе биде прифатена и ќе настојуваме сепак да се изгради таму нешто. Значи, надлежност е да водиме грижа за уредувањето околу него, дали ќе се фрла шут, трева и така натаму. Тоа ќе се преземе, рече, во почетокот на јануари 2014 година, Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Дали ќе успее продажбата на поранeшниот хотел никој не може да каже си сигурност, иако се работи за атрактивна локација на која се најавуваше изградба на објекти за различни намени. За сега околината останува преполна со отпадоци и обрасната е во грмушки, со што повеќе наликува на амбиент за снимање хорор филм отколку на пристоен центар на градска населба.
Т. Ајтовски