02.12.2015 По 8-годишното работно искуство како одделенски наставник во училиштето „Никола Карев“, Благојчо Стојановски од Кочани е назначен за в.д директор на истоименото училиште. Досегашниот директор Владо Андов заминува од функцијата заради истекување на мандатот, а со училиштето раководеше повеќе од десет години.
Стојановски рече дека како раководител ќе се залага како за унапредување на наставата, така и за подобрување на инфраструктурата во училиштето.
- Моментално сум в.д директор на ОУ „Никола Карев“. Можам да истакнам дека сите активности кои во моментов се одвиваат во училиштето ќе продолжат, а мојата цел ќе биде да се подобри инфраструктурата во училиштето и наставата да се одвива на повисоко ниво. Со тоа се надевам дека ќе бидеме примамливи за родителите своите деца да ги запишат во ова училиште. И нормално соработката со сите институции во општината и медиуми ќе биде подигната на повисоко ниво и за сите активности што ќе се случуваат во училиштето граѓаните ќе бидат информирани, рече Благојчо Стојановски, в.д директор на ОУ „Никола Карев“.
Стојановски додаде наставничката функција засега не ја остава се до завршување на учебната година. Моментално е одделенски наставник на учениците од четврто одделение.
Т. Велкова