07.12.2015 Физички напад доживеал Јоцо Серафимов од селото Градец, Виничко, при што се здобил со видливи телесни повреди, заради кои завршил во болница.
Вели дека сторител на нападот бил негов соселанец, кој без причина се нафрлил и го удирал безмислосно, по што паднал во бесознание, па ни самиот не знае како се спасил од тупаниците. Претходно насилникот се обидел да го потпали помошниот објект во близина на неговата семејна куќа.
Настанот се случил пред околу една недела, по што најблиските од семејството го пријавиле во Полициската станица во Виница.
- Значи, инспектори доаѓале, направиле вештачење и увид како што треба и сега чекаме резултати. Пријавивме и полицијата треба да преземе мерки, ако не има и други надлежни за да одиме напред. Не може некој тука да прави нереди по селото, градот и така. Полицијата е за тоа и тие треба да си преземат мерки, рече Јоцо Серафимов од село Градец.
Серафимов вели дека станува збор за лице чиј идентитет е познат, па очекуваат надлежните да преземат мерки против него. Освен неговото семејство, загрозени за својата безбедност се чувстуваат и соседите, затоа што имало закани дека ќе бидат потпалени и околните куќи.
Братот на оштетениот вели дека се уште се видливи на трагите на објектот што требало да биде потпален, но и од насилството врз лицето на неговиот брат.
- Има тешки повреди, после пожарот се случи тепачката и да не било друго лице, на место ќе го убиеле четворица братучеди. Се е пријавено, дојдоа инспектори, сликаа тука, тоа се случи во петокот вечерта и еве веќе една недела нема ништо. Од ова ние сме исплашени сите, и комшиите да не биле тие ќе го изгореле целото маало. Било подметнато со бензин, и тој кажал дека пожарот е подметнат, рече Душко Серафимов од село Градец.
Серафимови не знаат дали инцидентите што ги доживеале можат да се повторат, но и понатаму стравуваат за својата безбедност. Затоа бараат надлежните органи да преземат поефикасни мерки против насилникот за да се врати мирот во населбата.
Т. Ајтовски