03.06.2013 Само 7 градежни парцели за изградба на индивидуални куќи продаде локалната самоуправа на последното јавно наддавање што заврши викендов. Се продаваа вкупно 12 плацеви, од кои интерес за купување имаше само за оние на поатрактивните локации и со поголема градежна површина.
Во Општината велат дека можело да се очекува послаб интерес затоа што дел од помалите парцели биле наменети за купувачи со послаба финансиско-материјална состојба.
Слично на половичниот интерес за парцели, не се постигна ниту значително поголема сума од почетните 61 денар за метар квадратен.
- Се продадоа две градежни парцели во месноста Прокарка, три парцели во Трајаново трло и два плаца на улицата “Иљо Андонов“. Немаше овојпат голем интерес за продажба на градежното земјиште и сите парцели се продадоа по почетнатата цена со прв чекор на наддавање, односно по 71 денар, рече Петар Апостолов, секретар на Општина Кочани.
Продажбата на државното градежно земјиште продолжува со јавното наддавање за 10 парцели за викендички на Пониква. Од Локалната очекуваат за овие плацеви да има поголем интерес и да се постигне подобра цена по метар квадратен.
- Во моментот тече објавата за уште две градежни парцели за времено сместување, односно за изградба на хотели и 5 градежни парцели за изградба на индустриски објекти, во месноста Драчевиќ. Парцелите за хотели се на Пониква, а пријавите за ова се поднесуваат до 5 јуни, а јавното наддавање ќе се одржи на 10 јуни, рече Петар Апостолов, секретар на Општина Кочани.
Последната продажба на државно градежно земјиште е десетта по ред што ја организира кочанската локална самоуправа. По минатогодишниот голем почетен интерес за купување парцели за изградба на куќи, кога за дел од поатрактивните локации беа постигнати и рекордни цени по метар квадратен, сега евидентно е опаѓањето на заинтересираноста на купувачите. Тоа веројатн ќе се одрази и на планираното зголемено полнење на општинскиот буџет.
Т. Ајтовски