23.12.2015 На партија табла со пријателите и познаниците, како што тоа го прави секој ден, и на овој 23 декември Јордан Арсов од Кочани скромно го одбележа својот 98-ми роденден.
Споменувањето на името и презимето на многумина им звучи вообичаено, но кога ќе се додаде прекарот Арсичо, тогаш соговорниците знаат за кого станува збор.
Во дворот на семејната куќа во Стришани, на скржавото сонце од вториот зимски ден, ги покажуваше старите фотографии од времето кога бил многу помлад. Се присетува на периодот кога започнал да работи со пар коњи за да им помага во превозот на своите сограѓани, а потоа се вработил како продавач во прехранбена продавница.
Вели дека сеќавањето се уште добро го служи, иако видот и слухот веќе попуштиле.
- Годините се тоа, 98, тоа се години. Јас ги гледам на 40-50 години, тие одвај одат, а камоли јас. Триесет и седум-осум години сум во пензија, од 60-годишна возраст, а до 98, триесет и осум години сум во пензија. Продавач бев 19 години, по две плати земав, по две плати секој месец. Гужва, се гужва беше во продавницата, многу промет правев, сите беа збркани во “Нова Трговија“ од каде толку пари. Еден викаше - од дома ги носи за да земе две плати, рече Јордан Арсов – Арсичо.
Арсов живее сам. Имал помлади брат и сестра, но тие одамна починале. Нема веќе ни другари врсници, па единствено хоби до пред некоја година му било одгледувањето папагали.
- Нема никој, не ми помага, зетот доаѓа тука, помага, зетот, инаку никој друг. Триесет години и повеќе живеам сам. Земав по две плати од папагали, две плати од станари, две плати од камата и една плата моја, седум плати кога отидов во пензија. Папагалите ги ликвидирав, оти не може, додека си млад ќе ги чуваш, инаку не може, додава Арсов.
Арсов вели дека во текот на животот немал никакви здравствени проблеми, а кај лекар не отишол никогаш. Сега времето го поминува во клубот на пензионерите со приказни за минатото што им ги раскажува на помладите од себе.
Се надева дека здравјето добро ќе го служи и не покани повторно да го посетиме на 23 декември по две години, кога ќе го слави 100-от роденден. Ветивме дека поканата ќе ја исполниме заеднички.
Т. Ајтовски