29.12.2015 Тешка сообраќајна несреќа се случи попладнeто на патниот правец Кочани – Виница, во близина на мотелот “Центробизнис“.
Во несреќата учествувале патнички возила “мерцедес“ и “опел вектра“ при што две лица се здобиле со телесни повреди.
Од кочанската Општа болница информираа дека кај нив била донесена жена со потешки повреди на главата и на горниот дел од телото, па поради сериозноста на состојбата во која се наоѓала е однесена во Клиничката болница во Скопје.
На лекување во болницата во Кочани е задржано момче кое се наоѓало во другото возило и при судирот се здобило со повреди на градниот кош.
Во моментот додека нашата екипа беше на местото на настанот се уште траеше увидот на органите од полицијата и од Јавното обвинителство, поради што одговорните не можеа да дадат повеќе детали за околностите поради кои дошло до судирот.
Поради увидот на местото на несреќатасообраќајот беше во прекин повеќе од два часа, а возилата кон Виница и обратно се пренасочуваа по другите локални и регионални патни правци.