31.12.2015 Пеплосани греди од кровната конструкција, уништени прозорци и врати и целосно изгорена покуќнина е епилогот од пожарот што 10-тина часа во текот на изминатото деноноќие беснеел во двете куќи на семејствата Крстеви од Тркање.
Причина за избувнување на огнот најверојатно е неисчистениот и стар оџак, од кој биле зафатена дрвената покривна конструкција, а за кратко време почнал да гори и мебелот во куќите.
Дополнително пожарот се проширил и на дрвениот под на горниот кат, од каде преминал и на приземјето, кое исто така претрпело материјална штета.
Членовите на семејството Крстеви само немоќно гледаа во она што останало од стихијата и констатираа дека сепак најдобро е што нема повредени лица.
- Голема штета, до темел е изгорено. Тоа мора од нула да се почне, да се бутне, зафатени се и двете куќи бидејќи се залепени, и првиот и вториот спрат е изгорено, скоро сто отсто. Оџакот почнал да жари и додека дојде пожарната огнот се рашири и немаше спас, луѓето се бореа, се изгаси огнот, ама штетата е 100 отсто, штетата е голема. Најважно е што нема повредени, тоа е најбитно, а штетата си е штета, рече Перо Соколов, роднина на семејството Крстеви
Првите знаци на оган од оџакот се појавиле уште попладнето, но домашните успеале привремено сами да го локализираат. Сепак, не насетиле дека состојбата е сериозна, па во текот на вечерните часови тој повторно се појавил и брзо се проширил. На помош веднаш биле повикани пожарникарите од Кочани, кои во текот на ноќта успеале да го изгаснат.
- Од 20 часот до 2,40 беше завршена интервенцијата. Опасно, беше зафатена цела кровна конструкција, потоа на долниот спрат, а бидејќи куќата е залепена имаше и на другата куќа зафатено. Со пет возила и 12 пожарникари интервениравме, рече Валериј Џидров, пожарникар во ТППЕ – Кочани.
Пожарникарите превентивно дежураа и во текот на претпладнето со оглед што на одредени места кровната конструкција се уште чадеше. Истовремено го повторија апелот до граѓаните кои се греат на дрва да ги исчистат оџаците и димоводите за да се спречат слични несакани ситуации.
Т. Ајтовски