12.01.2015 Жолта налепница со впишана 2015 година добиваат сопствениците на моторни возила кои ги регистрираат за наредните 12 месеци. Наместо нови, со поинаква боја од досегашната, службените лица на местата каде се врши техничкиот преглед и регистрирањето издаваат стари налепници по цена од 60 денари, само со нов сериски број.
Образложението е дека надлежните немаат испечатено нови кои што за 2016 година било планирано да бидат со сина боја.
Таков е случајот не само за возачите од општина Кочани, туку на ниво на цела држава, но повеќе информации каде настанал застојот за сега не можат да се добијат.
Единствениот совет е и покрај недоразбирањето што може да се појави во практика, добиената жолта налепница да се залепи веднаш до онаа со иста боја на која и поминала важноста. Со тоа службените лица на МВР не ќе мораат да го проверуваат секое возило во сообраќајот дали е регистрирано, бидејќи потврда за регистрацијата ќе се добие преку налепницата која е истакната на видно место, што претставува решение по европски терк.
Практиката при регистрација на моторните возила полициските станици да издаваат налепници за извршен технички преглед и платени давачки започна пред две години. Таа почна да се применува со измените во Законот за возила што Владата ги усвои уште во 2012 година.
Налепниците за возилата регистрирани во текот на 2014 година беа со црвена, а минатогодишните со жолта боја. На секоја од нив има посебно означено поле за месецот кога е извршена регистрацијата. Исто така, има и сериски број што е единствен за секое возило, односно налепницата е воведена во евиденција според бројот на регистерската табличка и другите податоци за возилото. Тоа значи дека за учество во сообраќај на патиштата освен што возилото треба да биде регистрирано, да има важечка сообраќајна дозвола и пропишани регистарски таблици, тоа треба да биде означено и со налепницата за извршена регистрација.
Т. Ајтовски