14.01.2016 По трите успешно организирани хуманитарни концерти, Тоше Илиев од Кочани организира уште еден концерт под наслов „По патеките на Тоше“. Овој пат собраните средства ќе бидат наменети за нашиот сограѓанин Методи Митев на кој му се потребни средства за неопходната операција во Кина.
На концертот ќе настапат познати музички имиња од Кочани и македонската естрада.
- Сакам да ја информиран јавноста дека оваа година на 25 јануари на роденденот на Тоше Проески го организирам традиционалниот концерт „По патеките на Тоше“.
Собраните средства ќе бидат наменети за помош на Методи Митев. На концертот ќе настапат познати македонски пејачи како што се Коки и тајфа, Бојан Андов, Оливер Стаменков, Дарко Тоневски, Даниел Савиќ, Криптон, Канго и многу други. Морам да истакнам дека досега организираните концерти се доста успешни и луѓето на кои им помагавме се многу задоволни, рече Тоше Илиев, организатор на концертот.
Илиев додаде дека доста фирми од Кочани ја покажале хуманоста и овој пат донирале спонзорство за организација на концертот. Претходните три концерти кој ги организираше амбициозниот Илиев, на кој Тоше Проески со хуманитарен концерт му помогна кога беше мал и кога му беа потребни пари за операција, беа наменети за помош на Даниел Митков, семејството Димитрови од село Бели и за малиот Петар од Кочани кој сега е здрав и безгрижно расте благодарение на операцијата за која на ваков начин беа собрани средства.
Концертот ќе се одржи на 25 јануари во спортската сала кај Гимназијата во Кочани во 20 часот. Цената на влезницата е 100 денари.
Т. Велкова